Ќерката на Трамп ги пофали Саудиска Арабија и ОАЕ за унапредување на женските права

Ivanka Trump, the daughter and senior adviser to U.S. President Donald Trump, delivers the keynote address at Global Women's Forum in Dubai, United Arab Emirates, Sunday, Feb. 16, 2020. (AP Photo/Kamran Jebreili)

Ќерката и советник на американскиот претседател, Иванка Трамп во Дубаи ги пофали неколку земји од Блискиот исток, вклучувајќи ги и блиските сојузници на САД, Саудиска Арабија и Обединетите Арапски Емирати, за „значајните реформи“ за унапредување на женските права.

Обраќајќи се на дводневниот Светски женски форум, собир на жени претприемачи и регионални лидери, ќерката на Доналд Трамп зборуваше за напредокот на жените во САД.

„Денес американските жени се лидери во секој аспект на општеството. Минатата година во работната сила на САД имало повеќе жени отколку мажи, а повеќе од 70 проценти од новоотворените работни места им припаѓаат на жени“, рече Трамп.

Таа изјави дека „семејствата напредуваат, заедниците цветаат, а државите се посилни кога жените се слободни да успеат“.

Трамп им честиташе на Саудиска Арабија за неодамнешните измени во законот со кои им се дозволува на жените да патуваат во странство и да добијат пасош без одобрение од машки роднина. Во 2018 година Ријад ја укина забраната за жените да возат автомобили.

Таа, исто така, укажа на промени во други земји, изјавувајќи дека Бахреин донел закон против дискриминација на работното место, дека Јордан ги тргнал ограничувањата на ноќната работа за жените, дека Мароко ги прошириле правата на жените во врска со сопственост на земјиштето и дека Тунис донесе закони како дел од борбата против семејно насилство.

Сепак, Трамп рече дека треба да се стори повеќе и додаде дека жените низ Блискиот исток имаат само половина од машките права. Темата на Форумот во Дубаи е „Силата на влијанието“.