Стартува ваучерскиот систем за поддршка на спортот за 2020 година: 10 милиони евра за спортот и спортистите

Во рамките на заложбата за подобрување на условите за поддршка на спортот, спортските федерации, клубови и спортисти преку мерката спортски ваучери, со кои Владата заедно со Агенцијата за млади и спорт, ги стимулира стопанските субјекти да го пронајдат сопствениот интерес за инвестирање во спортот, премиерот Спасовски и директорот на Агенцијата за млади и спорт, Дарко Каевски, денеска го најавија стартот на ваучерскиот систем во спортот за 2020 година со кој ќе се обезбедат 10 милиони евра за оваа намена.

Премиерот ги повика стопанствениците и менаџерските тимови на приватните компании да ја препознаат вредноста на оваа мерка, и како и лани, и годинава да бидат дел од оние кои вложуваат во спортот.

Во овој систем на поддршка на спортот, дополнителни финансиски средства доаѓаат од стопанските субјекти, кои на ваков начин ја остваруваат својата улога како општествено одговорни компании. Согласно последните доделени средства, опфатени се речиси 1000 спортски субјекти и спортисти кои добиле ваучери и поддршка од државниот буџет, нешто што претходно беше мисловна именка.

Со ваучерскиот систем приватните компании 50 отсто од данокот на добивка имаат можност да го инвестираат директно во спортот.

Преку овој систем клубовите и федерациите можат да обезбедат сигурен партнер во финансирањето на нивните програми. Годинава 43 Национални спортски федерации, 454 Спортски клубови и 320 индивидуални спортисти ќе добијат дополнителна финансиска поддршка.