Граѓаните преку онлајн петиција се обидуваат да го спасат Преспанското езеро од пресушување

Преку онлајн-петиција граѓаните бараат спас за Преспанското Езеро.  Повод за петицијата со наслов „Да го спасиме Преспанското Езеро од пресушување“ како што пишува во истата претставува катастрофалната состојба во која се наоѓа езерото поради намалувањето на нивото на водата.

На Преспанското Езеро му се заканува еколошка катастрофа. Во последните дваесет и повеќе години водостојот на езерските води е најниско ниво. Во мај 2016 година водостојот беше намален за 1,10 метри, а таквиот тренд продолжи до првата половина на 2017 година. Во август 2018 година водостојот беше намален за 1,66 метри, а лани во октомври падна дури 2,5 метри под нормалниот водостој.

„Преспанското Езеро е едно од трите природни езера во Република Македонија Има многу богата историја и богата флора и фауна. Езерото е живеалиште за Крапот кој е со највисок квалитет и репрезентативна риба на Преспанското Езеро. Сегашната катастрофална состојба на Преспанското Езеро со намален водостој за 9 метри и волумен за 50% , 3,5 километри исушен брег,  сушени мочуришта, низок проток на чиста свежа и богата вода, концентрација на сулфати и пестициди, плитка вода, пенетрација на сончевите зраци до дното, дислокација и зголемување на количината и просторот со присуство на различни видови алги, намалена чистота на водата и многу повеќе.  Ова е многу загрижувачко и ужасно за Преспанската долина“, пишува во петицијата.

„Ајде да ја потпишеме оваа петиција да ги потсетиме надлежните од Министерството за животна средина да не го заборават Преспанското Езеро и да се обидеме да направиме сите напори да го спасиме од исчезнување.

Природните и еколошките непогоди не знаат политичка партија, религија или нација. Ве молиме и бараме да се воздржите од какви било негативни коментари. Промената треба да започне првенствено од нас како индивидуи и потоа да побара поддршка од поголеми институции. Затоа ве молиме за благодарност и позитивни коментари за нашата иницијатива“, се вели во онлајн петицијата насловена „Да го спасиме Преспанското Езеро од пресушување“.

До сега петицијата ја имаат потпишано преку 4000 лица.

Петицијата може да ја потпишете ТУКА