Шекеринска: Со ратификацијата на Северноатлантскиот договор, иднината на нашата татковина е обезбедена

„Со ратификацијата на Северноатлантскиот договор за наше пристапување во Алијансата, иднината на нашата татковина е обезбедена, обезбеден е и нејзиниот суверенитет и интегритет. За многу кратко време, нашето членство ќе биде заверено, а со тоа ќе удриме печат на нашето постоење како независна, суверена, но сега веќе и стабилна и просперитетна држава, рече министерката за одбрана, Радмила Шекеринска на денешната прес–конференција посветена на изгласувањето на Законот за ратификација на Северноатлантскиот договор во Собранието.

Шекеринска посочи дека со членството во НАТО стануваме дел од безбедносниот чадор кој штити една милијарда луѓе и додаде дека прогресот може да се измери и според брзината на ратификациите во парламентите на сојузниците, но и според домашните достигнувања.

Членството во Алијансата, рече Шекеринска, е постигнување и на граѓаните, особено имајќи предвид дека за прв пат во историјата како независна држава една идеја добива поддршка од огромен број граѓани, над 610.000. Разликата на оваа реалност, додаде, е очигледна – денеска не се разговара за нас без наше присуство, денеска ние седиме на иста маса со нашите партнери, на ист начин го соопштуваме и го браниме нашиот став, заедно кроиме стратегија, даваме идеи како Алијансата да биде посилна, стабилноста да биде поголема.

Шекеринска изрази задоволство што придобивките од членството во Алијансата, првенствено и директно ги почувствуваа припадниците на Армијата, особено преку зголемувањето на буџетот за одбраната.

“Вчера се уверивме дека за ратификацијата на Северноатлантскиот договор во нашиот Парламент, гласаа сите, буквално сите, вклучително и колегите од ВМРО ДПМНЕ. Се прашувам со кој образ некој од утре, денес, задутре, повторно ќе заговара рушење на Преспанскиот договор и поништување на нашето членство во НАТО. Нема ли тоа да биде нова срамна лага, пред својот народ и пред своите граѓани. Баш би сакала да го видам јунакот кој после таков консензус во Собранието, ќе ги поништи вчера дадените гласови во Парламентот и да го видам оној кој што ќе се дрзне да го избрише и поништи најголемиот наш успех од независноста до денес”, рече Шекеринска.