Извезуваме јаболка и праски, а не можеме да произведеме кашички за бебиња и деца

Истражувањето на Стопанската комора за потенцијалите на Македонија за извозна диверзификација во земјоделско-прехранбениот сектор покажа дека потребно е зголемување на извозот на производи со поголема додадена вредност и поголем број на преработувачки капацитети и поголема државна поддршка за промоција на извозот

Извезуваме јаболка, сливи, праски, а не можеме да произведеме кашички за бебиња и деца кој ги бара европскиот пазар. На Македонија ѝ е потребна анализа за да види кој се тие производи за кој имаат компаративна предност и кој можат да бидат носители на извозот. Истражувањето на Стопанската комора за потенцијалите на Македонија за извозна диверзификација во земјоделско-прехранбениот сектор покажа дека потребно е зголемување на извозот на производи со поголема додадена вредност, поголем број на преработувачки капацитети и поголема државна поддршка за промоција на извозот.

-Ниту една влада досега не се фокусираше на градење на мрежа на извозни промотори кои ќе работат за малите компании во рамките на преработувачката индустрија, во градење на нови капацитети, градење на можности за извоз на нови пазари. Поединечните компании во рамките на преработувачката индустрија кои што имаат преработувачки капацитети и извоз од над милион евра немаат економска исплатливост да создаваат маркетинг стратегии кои понатаму ќе ги отвораат вратите за извоз на нови пазари. Во таа насока, една од мерките за зголемување на извозот е креирање на промотори на македонскиот извоз посебно во делот на прехранбената индустрија, вели универзитетскиот професор Дарко Лазаров.

Според него, со една добра анализа која ќе ја направи државата може да се најдат потенцијалните пазари на ниво на поединечен производ кој Македонија во наредниот период може да го извезува.

Резултатите од истражувањето покажаа дека Македонија извезува 50 производи со компаративна предност, додека во рамките на прехранбената индустрија извезува 40 производи со компаративна предност. Македонија во наредниот период има простор за извозна диверзификација, односно зголемување на бројот на извозни производи посебно во прехранбената индустрија.