Двете најголеми партии денес излегоа со соопштенија за јавноста во врска со одлуката на Уставниот суд на седница да ја разгледува иницијативата за оценувањето на одлуката на претседателот Иванов за повлекување на аболицијата.
И двете партии со различен став.

Дамјан Манчевски од СДСМ истакна дека во врска со новиот момент кој излезе во Уставниот суд, во однос на можноста на оживување на амнестијата која ја даде Иванов за делата кои произлегоа од нелегалното прислушуваните разговори, Манчевски посочи дека со тоа всушност се оспорува уставноста на измените на Законот за помилување со кој се поништија помилувањата кои што ги даде Иванов и не смее да се дозволи тоа да се случи.
На овој начин точно се потврдуваат заложбите на опозицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ за одбрана на криминалот, истакна Манчевски, додавајќи дека СДСМ ќе стори се, граѓаните бараат правда и правда мора да има, секој да одговара.
Основното јавно обвинителство, што порано беше незамисливо денеска води истраги против специјална јавна обвинителка и било кој функционер за кои има било какви информации по допрен глас, за незаконско работење посочи Манчевски искажувајќи резерва за работењето и функционирањето на судството, поради лошото искуство со застарување на случаи, дозволување на бегање на осудени лица од пред лицето на правдата како што е случајот со Груевски, одложување на судски рочишта и слични ситуации.
Во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ се вели дека Зоран Заев преку Уставниот суд создава можност после поразот на следните предвремени парламентарни избори да биде амнестиран за сите коруптивни афери и зделки познати во јавноста. Уставниот суд ќе создаде пракса, а Пендаровски треба да реализира.
Потписот на Заев врз одлуката на Уставниот суд најдобро се гледа во лицемерието со кое се одредуваат приоритетите на судот. Иницијативи кои се однесуваат на испитување на уставноста на многу посуштински закони со години се држат во фиока и не се разгледуваат, а без никакво образложение, по политичка наредба, се дава предност на предмет кој се однесува на Законот за помилување.
Оваа одлука на Уставниот суд е јасен показател дека тој, како и останатото судство, целосно се потчинија на волјата на Зоран Заев и СДСМ која моментално е на власт.
Дали е ова цената за продажбата на Македонија? Сето она што не се успеа да се исплати преку амнестиите во парламентот сега треба да биде довршено од Уставниот суд.
ВМРО-ДПМНЕ го повикува Зоран Заев да престане со притисоци врз судската власт и да престане да ја потценува македонската јавност со предлози и теми кои треба да го оттргнат вниманието од криминалот и корупцијата што во моментов ја пустошат Македонија, стои во соопштението од партијата.