Денес од 17:00 – 19:00 часот пред Министерството за животна средина и просторно планирање ќе се одржи протестен собир под мотото „Марш за чист воздух“.

Во соопштението на организаторите за собирот „Марш за чист воздух“ стои:

– Дојди заедно да кажеме НЕ на загадувањето на воздухот и негрижата на институциите за животната средина! Да кажеме НЕ на 3500 смртни случаи годишно директно поврзани со аерозагадувањето!

Петок, 29 ноември, почеток во 17 часот пред Министерство за Животна Средина.

Зошто протестираме?

На 29-ти ноември, движењето за климатска правда повторно ќе ги заземе улиците на сите светски градови. За време на неделата за иднината во септември 7.6 милиони демонстранти го изразија незадоволството од климатските политики на светските лидери. Овој пат, повикот за спас на планетарниот екосистем е упатен кон Мадрид, каде од 2-10 декември ќе се одржи најголемата меѓународна конференција за климатски промени (COP25). Одлуките донесени на оваа конференција ќе бидат од клучно значење за иднината на човековата цивилизација.

Додека светот бара решение за климатската криза, тука се соочуваме со незапаметено загадување на воздухот. Во овој токсичен амбиент повеќе од 3500 луѓе годишно умираат од болести поврзани со аерозагадувањето, а останатите гледаат што побрзо да ја напуштат државата. Причината за загадувањето кај нас, и за климатските промени пошироко, е иста: тотална подреденост на сите економски сектори на фосилните индустрии контролирани од бизнис елитите, и тотална незаинтересираност на политичките елити за било какво справување со овој неодржлив систем.

Револтот од оваа состојба ќе го изразиме во Скопје во петок на 29-ти ноември, со марш кој ќе почне пред Министерството за животна средина и ќе заврши пред Владата. Бараме радикална промена на политичките приоритети и радикална трансформација на општествено-економската поставеност, која ќе ја отфрли саможивата филозофија на владејачката класа и која ќе го стави обичниот човек на прво место.