Европската куќа на фудбалот (УЕФА) одлучи наградниот фонд за ЕП 2020 да го зголеми за цели 70 милиони евра во однос на оној од ЕП 2016, и да изнесува вкупно 370 милиони евра.

Притоа секоја репрезентација која само ќе се пласира на ЕП 2020 ќе добие по 9,25 милиони евра. Понатаму за секоја победа во групната фаза ќе се добива по 1,5 милион евра а за реми по 750.000 евра. За пласман во следната рунда натпревари селекциите ќе добијат по 2 милиони евра, а пласман во четвртфиналето носи дополнителни 3,25 милиони евра. Пласман во полуфиналето пет милиони евра, а европскиот шампион ќе инкасира дополнителни 10 милиони евра.

Како што проценува УЕФА, европскиот шампион дома би заминал со 35 милиони евра, што е за 10 милиони евра повеќе од заработката кога Португалија пред четири години стана шампион.

Во секој случај повеќе од сериозна добивка ќе има и УЕФА која од целокупниот спонзорски пакет за ЕП 2020 се очекува да добие околу една милијарда евра.

Извор: Екипа.мк