Мешовитата македонско-бугарска комисија за историски и образовни прашања вчера и денес во Софија повторно се обидува да најде заедничко решение за историското значење на ликот и делото на Гоце Делчев и евентуалното заедничко чествување, но, според изјавите на двајцата копретседатели, Ангел Димитров и Драги Ѓорѓиев, е далеку од договор.

Откако на претходната средба во Охрид за Гоце Делчев  не беше постигнат никаков напредок, сега во Софија нема согласност ниту за средновековната историја во учебниците.

„Нема согласност за средниот век во учебниците по историја. Разликата е во несогласувањето дека имаме заедничка историја и не гледам како ќе постигнеме согласност за учебниците од двете земји. За средновековието големото несогласување со нашите колеги е дека во 9 век кога поголемиот дел од географската територија Македонија стана неразделен  дел од бугарската територија се формира бугарската националност и тоа ‘тераше‘ два века понатаму. Тоа нашите колеги не сакаат да го прифатат“, изјави Димитров во заедничкото гостување со Ѓорѓиев на Бугарската национална телевизија.

Тој уште додаде дека двете држави имаат заедничка историја и за време на османлиското владеење.

Според професорот Ѓорѓиев, за средниот век има разлики во начинот на перцепција на некои процеси, а тој „не може да види која е таа заедничка историја“.

„Во која смисла би била таа заедничка историја со сегашниот народ. За време на османлиите имаме заеднички историја, на една територија сме. Исто така, македонската страна не го негира постоењето на бугарската држава ниту формирањето на бугарска националност, туку дека формирањето на бугарската народност од 9-от век трае до 1944 година“, возврати Ѓорѓиев.

На денешниот дел од разговорите жешката тема е Гоце Делчев и на прашањето дали ќе се усогласат дали тој бил Бугарин или Македонец, Ѓорѓиев вели дека „Делчев е многу чувствителна тема, но и дека е неупатно да се одговори дали бил Бугарин или Македонец“.

„Не е работата на комисијата да каже. Ќе дискутираме. Ама ако оваа комисија продолжи да инсистира и да напише документ дека Гоце Делчев бил Бугарин или Македонец, решение нема да има. Ние не зборуваме за еден црно-бел свет во тоа време, тоа е испреплетено, сите случувања се по малку и хаотични“, рече Ѓорѓиев.  

Но, неговиот колега, Димитров не се согласува со ваквиот став.

„Се разбира дека треба да каже, зашто ако не се знае што е човекот не можеме да го оцениме точно неговото дело. Не треба ние да кажеме што е Гоце Делчев. Тој кажал сам што е, кажало неговото семејство, неговите другари, соборци, учесници во борбата, луѓето…“, возврати Димитров.

На ова следуваше одговор од Ѓорѓиев дека „по таа аналогија ако сам кажал дека е Бугарин многу често го употребува наративот македонски народ и Македонци“.

Оценката е дека работата на Комисијата не се одвива според посакуваното, а копретседавачот од бугарска страна, Димитров обвини дека македонските колеги не сакаат да се работи поинтензивно.

„До крајот на годината треба да се стигне до решение. Предложив уште една средба до тогаш. Инаку, лош сигнал е комисијата да не го исполнува она што го договориле двете влади. Треба да постигнеме резултати кои совршено одговараат на идејата од договорот за заедничка историја. Да ја исчистиме интерпретацијата од минатото од негативности кои влијаат на двете општества“, изјави Димитров.

Линк од целосното интервју на БНТ1