Владата на Република Северна Македонија целосно ја разбира реакцијата на граѓаните и граѓанските организации предизвикана од загадувањето на воздухот, и ја споделува загриженоста.

На крајот на минатата година го донесовме Планот за чист воздух и борбата против аерозагадувањето влезе во стратешките приоритети на Владата. Освен што ја изразува јасната политичка волја да се справи со овој проблем кој е таложен со децении и за кој ништо не беше преземано во минатото, планот предвидува сеопфатен и координиран пристап за спроведувањето на мерките, во партнерски однос на владините институции, граѓанските организации, деловните компании и меѓународните организации. 

За прв пат се издвојуваат посебни буџетски средства исклучиво за намалување на аерозагадувањето кои во годината што изминува, вклучително со различните активности на сите одделни министерства поврзани со заштита на животната средина, достигна 20 милиони евра. Во рамките на тој буџет, во тек е спроведувањето на најголемата поединечна инвестиција во историјата на земјата за грижа за животна средина со издвојување на 10 милиони евра за инвертер клими кои ќе ги заменат печките на дрва и нафта во 10.000 домаќинства во Скопје, Битола, Тетово и Кичево.

Воспоставен е протокол за спроведување на краткорочните мерки при надминување на прагот на алармирање, со ревидирани прагови на алармирање за стартување на мерките од 5, односно 10 дена, на драстично намалени 2 дена со зголемени вредноста на прагот на аерозагадувањето.

За стимулирање за користење на топловодната мрежа и поврзување на нови објекти го намаливме данокот на додадена вредност од 18% на 5% за испорака на топлинска, а Регулаторната комисија донесе одлука дека корисниците што беа исклучени од парното да не плаќаат за повторно приклучување.

Во рамки за Програмата за намалување на аерозагадувањето 2019 (Планот за чист воздух), во 45 градинки, основни и средни училишта, здравствени објекти и административни објекти се реализираат постапки за замена на загадувачките системи за затоплување. Во 28 објекти се инсталирани системи за енергетската ефикасност во најзагадените градови. Во 11 објекти е спроведена програмата „Зелен лист – воздух чист“ за уредување на урбани зелени површини во градинки, основни и средни училишта и здравствени објекти во општините. За 38 јавни институции се набавени пречистувачи за воздух во внатрешни простории. На 108 објекти во општините се инсталирани фотоволтаични системи.

Оваа година, и на почетокот на идната ќе заврши примарната гасоводна структура и ќе започне реализацијата на секундарната за гас до домаќинствата и компаниите. 
Со измените на Законот за возила се предвидени субвенции за електрични и хибридни возила, за вградување гас за одреден тип на возила, субвенции за замена на стари возила и е зголемена контролата на издувни гасови од возила при регистрација на возилата во техничките станици.

Градот Скопје доделува субвенции на домаќинствата и други субјекти за чистење на оџаци и за промена на скоро сите стари фасади на административни објекти со нови и енергетски ефикасни фасади; Обезбедена е набавка и поставување на 562 пречистувачи на воздух во училиштата и субвенции за набавка на велосипеди и електрични тротинети. Обезбедени се бесплатни паркинг места за електрични автомобили и изградени се 14,6 километри велосипедски патеки. Се исчистија 300.000 тони отпад од диви депонии и се обновија 50% од зеленилото во градот или 116.000 м2 зелена површина. Се спроведоа инспекции на сите инсталации кои поседуваат Б дозволи за работа пред почетокот на грејната сезона.

Владата на Република Северна Македонија внимателно ќе ги слушне и ќе ги прифати сите аргументирани сугестии на граѓанските организации вклучени во „Марш за чист воздух“ и во таа насока е отворената покана за средба во Владата во понеделник на 2 декември, за што претставниците на еко иницијативите ќе бидат директно комуницирани.