Обвинителството поведе истрага за третманот на медицинскиот отпад од страна на фирмата „Еко клуб“

Основното јавно обвинителство Скопје информира дека кривичната пријава во предметот за третманот на медицинскиот отпад од страна на фирмата „Еко клуб“ од Битола на записник ја поднесе Главниот инспектор во Град Скопје на 13.12.2019 година, три дена откако го забележал настанот.

При поднесувањето на пријавата, подносителот не достави материјални докази, а за настанот не е приложена ниту службена белешка, ниту записник за констатирани неправилности од страна на подносителот-инспектор.

Веднаш, истиот ден по приемот на кривичната пријава, дежурниот јавен обвинител пред кој беше пријавен настанот и кој изготви записник за прием на кривична пријава, издаде наредба до СВР Скопје за да се направат неопходни проверки со кои ќе се обезбедат докази во поглед на наводите во пријавата.

Од страна на СВР Скопје беше постапено по наредбата и до Основното јавно обвинителство Скопје беше доставено известување со обезбедени и приложени писмени докази.

Од направените проверки од СВР Скопје и од досега обезбедените писмени докази, Обвинителството во предистражна постапка утврди определени факти од значење за пријавениот настан. За целосно утврдување на фактичката состојба, Обвинителството ја продолжува предистражната постапка.

Надлежниот јавен обвинител денеска до СВР Скопје – Единица за економски и компјутерски криминал издаде наредба од мобилниот телефон на Главниот инспектор во Град Скопје да бидат издвоени видеоматеријалите што тој ги снимил со цел овие материјали да бидат обезбедени на законит начин. Од страна на Град Скопје дополнително на 31.01.2020 година преку архивата на обвинителството е доставено ЦД со определени материјали.

Исто така, до Државниот инспекторат за животна средина е издадено барање за достава на податоци за сите дополнителни проверки и за констатираните состојби во постапувањето со медицински отпад од страна на правното лице, а до Управата за финансиска полиција беше издадена наредба за проверки во поглед на финансиското работење на правниот субјект.

Овој предмет во Основното јавно обвинителство Скопје беше оформен по непосредно доаѓање на Главниот инспектор во Град Скопје три дена откако тој ги констатирал состојбите на терен. При неговото доаѓање, тој на записник пред дежурниот јавен обвинител го пријави настанот, за што беше изготвен записник за прием на кривична пријава, а обвинителството постапи веднаш, истиот ден.

Основното јавно обвинителство Скопје и надлежниот јавен обвинител по овој предмет постапуваат итно, со даден приоритет и согласно Законот за кривична постапка. Во зависност од сите направени проверки и од обезбедените докази од надлежните државни институции ќе биде донесена мериторна јавнообвинителска одлука.