Собранието на Република Македонија, на 130-та седница расправајќи по Информацијата за енормното загадување на амбиентниот воздух во Република Македонија вчера со 73 гласа ЗА и 1 воздржан ги изгласа заклучоците, кои содржат конкретни насоки упатени до релевантните институции што треба да преземат во борбата против загадувањето на воздухот.

А ова се 45-те заклучоци:

1. Се препорачува Министерството за животна средина и просторно планирање, согласно член 42 од Законот за животна средина, во рок од еден месец да собере информации од општините, градот Скопје и општините во градот Скопје, каде има изработен Катастар на загадувачи и истите информации да ги достави до Собраниетo. Оние општини кои што немаат изработен катастар на загадувачи тоа да го направат во најкраток рок;

2. Се препорачува Министерството за животна средина и просторно планирање во рок од еден месец да детектира извори на загадување на воздухот и да достави извештај до Собранието;

3. Да се сервисираат и стават во функција сите мерни станици на државниот мониторинг систем најкасно до крајот на септември 2020 година;

4. Се препорачува Министерството за животна средина и просторно планирање, да направи анализа за потребите од повеќе еколошки мерни станици и да обезбеди средства за повеќе мобилни мерни инструменти;

5. Да се обезбедат средства за набавка на автобуси со ниски емисии за Скопје и поголемите градови кои што имаат градски превоз;

6. Да се обезбедат субвенции за набавка на електрични и хибридни возила;

7. Се препорачува Министерството за економија, согласно усвоената програма да обезбеди дополнителни средства за набавка на печки на пелети со субвенционирање;

8. Се препорачува Министерството за внатрешни работи, при надминување на прагот на алармирање за висока загаденост, да го спроведува Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата;

9. Се препорачува Министерството за труд и социјална политика, во рамки на Програмата за енергетска сиромаштија да се предвидат поголем број на средства;

10. Да се забрза процесот на гасификација на територијата на цела држава и подготовка за изградба на секундарна гасификациона инфраструктурна мрежа;

11. Доколку временските услови дозволуваат општините, градот Скопје и општините во градот Скопје, најмалку по два пати во текот на денот да ги мијат булеварите и улиците;

12. При надминување на прагот на алармирање за висока загаденост да се овозможи бесплатен градски превоз за сите граѓани;

13. Се препорачува Министерството за информатичко општество и администрација и Министерството за животна средина и просторно планирање, во рок од два месеци, до Собранието да ги достават Предлог на законот за инспекција во животната средина и Предлог законот за инспекциски надзор;

14. Градот Скопје и сите останати општини, да ги зголемат зелените површини во градските подрачја, при изработка на деталните урбанистички планови, да се води сметка за зелените површини и да се спречи нивната пренамена во градежни парцели;

15. Се препорачува Министерството за здравство, да достави информација за бројката на луѓе кои имаат здравствени проблеми, како последица од загадувањето и предлог мерки за нивна заштита во рок од два месеци;

16. Се препорачува Министерството за внатрешни работи, при надминување на прагот на алармирање за високата загаденост, да изготви алтернативно сообраќајно решение за град Скопје и општините во градот Скопје;

17. Се препорачува Министерството за економија, да обезбеди средства за субвенционирање на домаќинствата кои ќе користат обновливи извори на енергија;

18. Се препорачува Министерството за економија, да обезбеди средства за субвенционирање за поставување на плински уреди во автомобилите;

19. Се препорачува Министерството за животна средина и просторно планирање, да изработи студија со која ќе се формираат критериуми со кои ќе се детектира енергетската сиромаштија, да направи регистар на енергетски сиромашни семејства и истиот да го достави до Собранието;

20. Владата и Министерството за животна средина и просторно планирање, до Собранието да достават предлог законски измени на законите од областа на животната средина кои ќе бидат во насока на намалување на загаденоста на воздухот;

21. Да се зголеми бројот на инспектори за животна средина и да се зголемат нивните ингеренции;

22. Да се воведат субвенции за приклучување на греење кон гасификација како и субвенции за приклучување кон парно греење за граѓаните;

23. Да се воведат субвенции за домаќинствата кои ќе купат инвертор клими;

24. Се препорачува Министерството за животна средина и просторно планирање, при надминување на прагот на алармирање, веднаш да подготви и достави препораки до Инсталациите кои што поседуваат А-ИСКЗ дозвола, за намалување на капацитетот на производство до 50% со што од оваа мерка ќе бидат исклучени инсталациите коишто произведуваат топлинска или електрична енергија;

25. Се препорачува Министерството за животна средина и просторно планирање, два пати во годината да доставува извештај до Комисијата за транспорт, врски и екологија на Собранието, за спроведувањето на Планот за чист воздух;

26. Се препорачува Министерството за економија, до Собранието да достави извештај за ефектот од еколошките налепници за автомобилите;

27. Се препорачува Државниот инспекторатот за животна средина, до Собранието во рок од два месеци да достави информација, колку контроли се направени, што е констатирано и што е превземено;

28. При надминување на прагот на алармирање за висока загаденост да се стопираат градежните активности во општините, градот Скопје и општините во градот Скопје;

29. Од страна на надлежните органи во пракса да се применува и спроведува Законот за шумите;

30. Забрана на производство, промет и употреба на одделни производи, полупроизводи, суровини, супстанции и вршењето на одделните услуги заради заштита на животната средина. Изменување на членот 21 од Законот за животна средина со кое се забранува употребата на јагленот како средство за затоплување;

31. Интензивно решавање на проблемот со отпадот и дивите депонии на територијата на цела држава;

32. Анализирање на одредени детални урбанистички планови во општините, кои што не се во согласност со генералните урбанистички планови и еколошките стандарди согласно законската регулатива, а на штета при планирањето и загадувањето на животната средина;

33. Се задолжуваат Државниот и локалните инспекторати за животна средина во рок од 15 дена да достават информација за периодот 2018-2019:
Колку контроли се направени и во кои субјекти?
Какви наоди има по спроведените инспекциски надзори?
Какви казни се изречени и кому?
Поврзани со надлежноста на инспекторите за животна средина: емисии во воздух, емисии во вода, третман на отпад, бучава и др.

34. Се задолжува Македонски шуми, да изготви информација за квалитетот и влажноста на огревното дрво кое го продава, и информација во кои региони колку огревно дрво е продадено во 2017, 2018 и 2019.

35. Се задолжува Регулаторна комисија за енергетика и водни услуги и Царинската управа да достави информација за квалитетот и количините на увезените горива и отпад (цврсти, течни) во 2018 и 2019 ( да се приложат сертификати и лабораториски сертификати од земените примероци).

36. Се задолжува ЕСМ да достави информација за количеството и квалитетот на јагленот кој се согорува во РЕК Битола за 2018 и 2019, со сертификати за составот на јагленот.

37. Се задолжува Министерството за економија, МЕР и Гама, да обезбедат податоци, колку нови домаќинства се поврзани на гасоводната мрежа во 2018 и 2019 година.

38. Се препорачува во јавниот и такси превоз да се мотивира учество на возила со нулта или близу нулта емисија на цврсти честички (метан, пропан бутан и сл.)
39. Се задолжува УХМР да достави карти со ружа на ветрови за сите градови во државата со висинска распределба на ветровите за време на грејна сезона.

40. Се задолжува Регулаторна комисија за енергетика и водни услуги да достави информација, еколошката такса која се наплаќа за различни течни горива со образложение за висината на таксата по тип на гориво.

41. Се задолжува Регулаторна комисија за енергетика и водни услуги да достави информација за бројот на корисници на топлификациска мрежа кои се исклучиле од мрежата, кои биле исклучени па повторно се приклучиле и за новоприклучени корисници во 2019 година.

42. Се задолжува Министерство за животна средина да собере информација за количеството на увезено моторно масло и количеството на собрано моторно масло од овластени собирачи за 2019.

43. Се задолжува Владата да ја следи изборната програма по која е избрана и да го оформи Фондот за животна средина од кој би се финансирале активности за заштита на животната средина.

44. Да се зголемат средствата за имлементација на Планот за чист воздух.

45. Овие Заклучоци да се достават до Владата, надлежните министерства, градот Скопје и до сите останати горенаведени органи кои се задолжуваат согласно овие заклучоци;